Со отворање на постојните поставки од културното и историското наследство од Струмичкиот регион за првачиња и лица со попреченост, денеска НУ „Завод и музеј Струмица“ ја почна реализацијата на програмските содржини од манифестацијата „Струмица град на културата“ за 2021 година, но и во пресрет на 18. Мај Меѓународниот ден на музеите.
Според директорот на оваа институција, Ацо Манински, со овој настан, по подолго време заради пандемијата од Ковид-19, повторно се отвораат вратите на музејот.
-Нашите поставки им ги претставивме на две категории граѓани, кои прв пат во животот влегоа во музеј-тоа се првачињата и лицата со попреченост. Тие имаа можност да се запознаат со нашите поставки, а на лицата со попреченост им ги презентиравме остатоците од фреските пронајдени на локалитетот Мал Кајаси, во село Банско, рече директорот Манински.
Денеска беше промовиран и електромоторниот транспортер за инвалидска количка и преносна рампа, со што музејските поставки се целосно достапни за посета и за лицата со попреченост.
На денешните настани присуствуваше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски, кој беше запознат со содржината на поставките и нивното значење за културно-историското наследство на регионот.
Инаку, НУ „Завод и музеј Струмица“ во манифестацијата „Струмица град на културата“ учествува со дваесетина програмски содржини, кои во текот на годината ќе бидат презентирани пред јавноста.