Планинарскиот-спортски клуб ,,Голак" реализираше планинарски марш во пресрет на годишнината од Разловечкото востание
Членови на Планинарскиот-спортски клуб „Голак" од Делчево во пресрет на одбележувањето на годишнината од Разловечкото востание реализираа планинарски марш до месноста Калаџерџево на 1130 метри надморска висина на планината Обозна над село Разловци. Во рамки на планинарската маршрута долга 20 километри, како што информираше претседателот на клубот Љупчо Чучуковски планинарите ја посетиле куќата на Цоне Спасов – Ингилизов, кој бил еден од куририте на великанот Гоце Делчев.
-Оваа куќа се наоѓа кај месноста Калаџерџево на 1130 метри надморска.висина на планината Обозна над село Разловци. Ретко е посетувана од гости намерници, а прилика да ја посетат имаа наши членови. Планинарскиот марш се реализира во пресрет на одбележувањето на 145 годишнината од Разловечкото востание, со придржување на мерките за заштита од Ковид-19, рече Чучуковски.
Маршот како што додаде се реализирал со поддршка на Општина Делчево.
-На маршот учествуваше претставник од Општина Делчево, советникот Дејан Георгиевски, кој е и наш член. Инаку месноста Калаџерџево е позната по тоа што од таму започнала организацијата на Разловечко Востание во 1876 година од страна на Поп Стојан од село Разловци, а помогнато од неговиот зет Димитар Поп Георгиев од Берово. Востанието било прво во тогашна Македонија против Отоманската Империја и довело до формирање на Пијанечка Република, која траела повеќе од 2 месеца со главно место Царево Село (денешно Делчево), додаде Чучуковски.
Највисоката точка на планинарски марш бил врвот Јастреб на 1276 метри надморска висона, по што планинарите се упатиле кон село Разловци кое било крајна дестинација на 20 километарскиот марш.