По повод големиот муслимански празник Рамазан (Фитр) бајрам во сите педесеттина џамии на Дебарското муфтиство, кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и Маврово и Ростуше, беа одржани утринска молитва (сабах намаз) во 4:41 часот и бајрамски намаз во 5:56 часот.
Бајрамската молитва, како што потврдуваат од муфтиството, во сите џамии се одвивала според мерките и препораките, односно носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.
По традиција, од изградбата на Саат кула џамијата која е во близина на центарот на градот, верниците беа најбројни токму во овој алахов храм. Со нив беше и градоначалникот Хекуран Дука и муфтијата Решат Качалнику.
И двајцата на верниците им посакаа да им биде прифатен рамазанскиот пост и молитвите и да имаат добро здравје и благостојба.
– Со Аллаховата милост исполнивме еден месец полн со саможртвување, молитви, солидарност и хуманост кон нашите сиромашни браќа, со читање на Куранот и со искрена покорност кон Возвишениот Аллах. Рамазанот заврши со надеж во Аллаховата милост да ни бидат простени нашите гревови, добрите дела да ни бидат прифатени и молитвите примени. За многу години Фитр Бајрам, стои во честитката од Дебарското муфтиство по повод празникот објавена на Фејсбук.
Ова е втора година по ред како празникот се одбележува во услови на пандемија поради што меѓусебните посети на роднини, пријатели и соседи ќе бидат поретки, а како што налага традицијата, семејствата денеска ќе се соберат на заеднички бајрамски ручек. Празникот се одбележува три дена.