По два месеци, кон крајот на мај ќе се одржат два културни настани во Центарот за култура во Кичево, кои се финансиски подржани од Министерството за култура како дел од програмата на центарот за годинава.

Директорот на Центарот за култура во Кичево, Мазлам Османи за МИА информира дека станува збор за концерт од музичкa дејност „Концерт за пијано- 4 раце“ и од областа на фолклорната дејност, Годишниот концерт на КУД „Рацин“.

-Иако за овој месец имавме во програмата повеќе културни настани сепак поради пандемија ќе бидат организирани два, додека еден настан е поместен за месец јули. Месецов културните случувања ќе ги отвориме со Годишниот концерт на КУД „Рацин“, кој требаше да се одржи на 4 мај, но поради неповолната состојба со пандемијата истиот ќе се одржи на 25 мај, вели директорот Османи.

Тој за 28 мај го најави концертот на гости од Косово, кои истовремено ќе музицираат на големото концертно пијано, кое на центарот му го подарија печалбари од САД по потекло од овој крај.

-Бидејќи располагаме со првокласно концертно пијано овој концерт е извонредна можност за негова промоција.Гостите од Косово, Агрон Шујаку и Ледијан Шала истовремено ќе музицираат на пијаното и затоа впрочем и самиот концерт носи наслов„ Концерт пијано 4 раце“. Со овие концерти и со тие што ги планираме за понатаму, ќе ја нарушиме културната летаргија на градот присутна во последно време, додаде Османи.


Администратор
12/05/2021 15:24