Велешката ЈЗУ Општа болница вчера прими хуманитарна помош од своите сограѓани – велешани кои живеат во светот сплотени во организацијата „Велешани низ светот".

Донацијата се состои од 70 душеци за кревети и исто толку перници и ќебиња и 140 сетови постелнина.Со оваа донација значително ќе се подобрат условите на престојот на болните во Ковид центарот на Инфективно одделение, информира портпаролката на ЈЗУ Општа болница, д-р Елеонора Јованова.

-Покрај големата оддалеченост докажавте дека со заеднички сили, со голема хуманост и емпатија, љубов кон татковината секогаш ке излеземе како победници дури и од најстрашната битка! Вие хумани луѓе следејќи ја состојбата со корона кризата ја дадовте својата поддршка и помогнавте во овој момент онаму каде што е најпотребно, во услови на глобална криза, каде секоја донација е повеќе од неопходна и е од огромно значење. Пораката која ја испративте е јасна и со една цел – Заедно и сплотени можеме многу повеќе!,потенцира д-р Јованова од името на целокупниот тим на болницата.

Управата на ЈЗУ Општа Болница Велес и целиот медицински персонал изразувааат благодарност до Организацијата „Велешани низ светот" за овој хуман гест кој е дополнителен мотив да продолжат уште подобро!

Воедно ова е мотив и за други хуманитарни донации за оние на кои им е најпотребна помошта во овие тешки времиња на Ковид пандемија, потенцираат од раководниот тим на болницата.


Администратор
12/05/2021 13:43