Додека акцијата за масовна вакцинација влева надеж за излез од пандемијата, ковид-19 нè потсети на две клучни работи: дека сите сме меѓусебно поврзани и дека најдобро ги надминуваме предизвиците работејќи заедно. Значајната помош што ЕУ ја обезбеди за време на пандемијата, но не само тогаш, ја покажа нејзината силна посветеност кон проширувањето и кон европската перспектива за Македонија. На овој Ден на Европа, ги славиме посветеноста, одговорноста и солидарноста – основни вредности и аспирации на ЕУ кои не водат напред, вели амбасадорот Дејвид Гир во неговото обраќање по повод 9 Мај Денот на Европа.

Повеќе од една година нашите животи се длабоко погодени од пандемијата со ковид-19, наведува тој, а вообичаените социјални и работни односи се нарушени. Некои доживеале болест или загуба. Егзистенцијата е изложена на ризик. Многумина страдаа од чувство на изолација.

– Но, сега постои причина за надеж. На почетокот на оваа недела, го имав задоволството да го пречекам комесарот за соседство и проширување Вархеи во Скопје. Неговата посета се совпадна со пристигнувањето на првата испорака од близу 120.000 дози вакцини, подарени од Европската унија. Исто така, се совпадна со почетокот на програмата за масовно вакцинирање во земјата – која дава најдобра надеж за излез од пандемијата. Но, иако пандемијата предизвика превирања во земјите ширум светот, во исто време нè потсети на две клучни работи: дека сите сме меѓусебно поврзани и дека најдобро ги надминуваме предизвиците работејќи заедно, стои во обраќањето на евроамбасадорот Гир по повод Денот на Европа.

Овие размислувања, потенцира, пред сè го инспирирале европскиот идеал. Тие, вели Гир, доведоа до формирање на самата Европска унија и тие продолжуваат да не водат во нашите постапки и денес.

– Тие беа во срцето на масовниот одговор на ЕУ на ковид-19 во Западен Балкан и пошироко. Во Македонија ова вклучува обезбедување итна помош за здравствена заштита (над 25 вентилатори, 35.000 единици медицинска опрема и над 2 милиони единици опрема за лична заштита) 66 милиони евра во грантови и 160 милиони евра во поволни заеми за ублажување на социо-економските последици на пандемијата и за зачувување на работни места, потсетува шефот на Делегацијата на Европската унија во нашата држава, вели Гир.

Додава дека тие исто така ја поткрепуваат силната посветеност на ЕУ кон проширувањето и европската перспектива за Западен Балкан, вклучително и за Македонија.

– Ова е причината зошто Европската унија останува постојан партнер, поддржувајќи ја земјата на нејзиниот реформски пат, вклучително и преку значителна финансиска и техничка помош. Во овој поглед, исто така, силно се надеваме дека ќе биде можно брзо решавање на отворените прашања, дозволувајќи за возврат, почеток на пристапни преговори, подвлекува меѓу другото амбасадорот Гир во обраќањето.

Откако пристигнав во Македонија минатиот септември, се осврннува Гир, имав привилегија да запознаам многу извонредни личности, луѓе, како што вели, кои покажуваат верба во истите овие принципи: дека сите сме меѓусебно поврзани и дека најдобро работиме заедно. Луѓе кои веруваат во моќта на промената.

– Тоа се лекарите, медицинските сестри и помошниот персонал кои неуморно работат за да обезбедат медицинска поддршка за време на пандемијата. Професионалци, но и обични граѓани кои се понудија да дадат свој придонес: со производство на заштитни материјали, донирање храна и лекови или со грижа за соседите во изолација. Тука се и извонредните млади луѓе со кои имав можност да се сретнам и да разговарам, инспирирани од визијата за подобра иднина – позелена, побезбедна и порамноправна, наведува Гир.

И токму на овие примери на посветеност, одговорност и солидарност тој им оддава признание денес, на Денот на Европа. Тие, истакнува амбасадорот Гир, ги претставуваат основните вредности и аспирациите на Европската унија и го посочуваат патот напред, за сите нас, како Европејци и за идна, проширена ЕУ.


Администратор
09/05/2021 13:47