Вежбата се одржа во центарот на градот со симулирана тешка сообраќајна несреќа, во која имаше починати и повредени учесници во сообраќајката.

По повод 8. Мај, Светскиот ден на Црвениот крст и Црвената полумесечина, Општинската организација на Црвен крст Струмица организираше показна вежба за спасување од возила при сообраќајна несреќа и давање прва помош на повредени.

Вежбата се одржа во центарот на градот со симулирана тешка сообраќајна несреќа, во која имаше починати и повредени учесници во сообраќајката.

Градот ечеше од сирените на возилата за прва помош и противпожарната единица. Волонтерите на Црвениот крст демонстрираа како се извлекуват и транспортираат повредените, а пожарникарите спасуваа со опремата која неодамна им беше доделена и со која им се олеснува постапката за спасување човечки животи.

Според Танкица Стојанова од струмичкиот Црвен крст, независно дали е пандемија или не, сообраќајните несреќи се случуваат и треба правилно и навремено да се реагира.

-И ние и граѓаните треба да бидеме подготвени и да знаеме како некому правилно да му укажеме прва помош, бидејќи не знаеме кога не некој ќе му биде потребна и треба секогаш да бидеме подготвени, рече Стојанова.

Според РСБСП целта на денешната акција е да се унапредат капацитетите на надлежните институции.

-Целта на вежбата е да го свртиме вниманието на граѓаните дека сообраќајните несреќи се случуваат секој ден и дека сите ние сме потенцијални жртви и сме учесници во сообраќајот и затоа апелираме:возете и учествувајте максимално одговорно во сообраќајот, затоа што последиците од сообрајните незгоди се тешки, ненадоместливи и трајни, рече Ристе Манчев од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Вежбата ја следеше и градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

-Оттука е важно да се испрати пораката до сите учесници во сообраќајот, да бидеме попретпазливи, подисциплинирани и да се покаже координираноста меѓу сите релеватни институции кои во вакви случаи треба да интервенираат најбрзо што можат, рече градоначалникот Јаневски.

Вежбата се организираше во соработка со Републички совет за безбедност во сообраќајот на патиштата, СВР Струмица, ТППЕ Струмица, Дирекцијата за заштита и спасување и ЈЗУ „Здравен дом" Струмица.


Администратор
08/05/2021 17:44