Компанија ангажирана преку ЈКП „Комуналец“ Кичево деновиве почна со поставување на хоризонтална сигнализација на сообраќајниците во градот,. Според програмата, први ќе бидат обележани местата за паркирање на моторни возила.
– Поставувањето на хоризонтална сигнализација во нашиот град ја започна екипа ангажирана од наша страна. Најпрво се врши обележување на местата за паркирање на моторните возила на најфреквентните сообраќајници во градот, булеварот „Ослободување“, „Рудничка“ и „Маршал Тито“. Обележувањето за да се одвива без тешкотии, од комуналното претпријатие апелираат до возачите прописно да се паркираат-Се замолуваат сопствениците на моторни возила да ги паркираат автомобилите на места, на кои нема да претставуваат пречка за поставување хоризонтална сигнализација. Ќе се работи секојдневно па дури и во вечерните часови и, затоа дисциплината на возачите да биде целодневна, истакна Зенеч Јонузи, директор на комуналното претпријатие.
Тој појасни дека со програмата за годинава, ќе продолжи поставување на пешачки патеки на сите улици во градот, а приоритет ќе им се даде на сообраќајниците каде што има училишта, детски градинки и поголем интензитет на минувачи.
– Со набавката на новата опрема за поставување на хоризонтална сигнализација од наша страна, повеќе нема потреба да се ангажираат екипи од други градови, како што тоа беше случај пред три-четири и повеќе години и заштедата на парични средства е евидентна, вели Јонузи.