Граѓаните на Охрид покажаа висока свест за потребата од одржување чиста животна околина. Голем број охриѓани, најмногу млади лица, се одѕваа на повикот и се вклучија во големата еколошка акција „Генералка викенд“ што се спроведува денеска низ повеќе градови во земјата.
Тие заедно со екипи на ЈП „Охридски комуналец“ како и активисти на здруженијата на граѓани „Брег на младоста“ и „Чист Охрид“ собираа отпад на повеќе локации на крајбрежјето на Охридското Езеро како „Грашница“, „Горица“ „Св. Стефан“, како и плажата во село Пештани. Екипите на „Охридски комуналец“ во рамки на акцијата спроведуваа и активности за уредување на зеленилото на повеќе атрактивни локации низ градот и околината што вообичаено се масовно посетени од гостите и туристите.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески јавно им се заблагодари на своите сограѓани за препознавањето на потребата од активен придонес за почиста и поубава средина.
Еколошката акција ја организира компанијата „Мен енд маунтен“, со поддршка на Министерството за животна средина и „Пакомак“ Скопје. Во акцијата се вклучи и Делегацијата на Европската Унија преку иницијативата „За чисто како и дома исто“. аб/