Со низа активности Охрид ќе се вклучи во пошироката манифестација што в понеделник се организира низ повеќе градови во земјата, по повод одбележувањето на Светскиот ден на физичката активност.

Во организација на Општината, заедно со Сојузот на училишни спортови и повеќе спортски клубови, на кејот „Македонија" од 11 часот ќе се одржат спортски натпревари во повеќе дисциплини, како атлетика, борачки вештини, аеробик и зумба, пинг-понг, возење скејт, ролери и велосипеди. Истиот ден ќе се одржи и планинарска тура од Охрид до над селото Велестово.

Сите активности ќе бидат спроведени согласно пропишаните здравствени протоколи, односно со задолжително носење заштитна маска и одржување физичка дистанца.

Манифестациите што се организираат по повод Светскиот ден на физичката активност имаат цел да се укаже на важноста од спортувањето и рекреативните активности како здрави животни навики.