По пауза од дестина дена, од утре ќе продолжи имунизацијата во Здраствениот дом во Кичево со кинеската вакцина на „Синофарм“. Во Кичево ќе пристигнат за почеток 300 дози од оваа вакцина, потврди директорот на Здравствениот дом, Џабир Бајрами.

-Откако ги потрошивме вакцините на „Астра Зенека“, 600 дози, и во меѓувреме не обезбедивме дополнителни количества на вакцини, имаше прекин во имунизацијата што траеше десетина дена. Конечно од утре ќе продолжи вакцинацијата на населението во нашата општина, за што се обезбедени 300 вакцини на „Синофарм“. Бидејќи од оваа компанија се обезбедени поголеми количини вакцини очекуваме дека повторно нема да дојде до прекин во вакцинацијата, додаде Бајрами.

Доктор Неџат Балажи истакна дека во Општината Кичево опаѓа бројот на новозаболени во однос на тестирани и додаде дека и покрај намалениот број инфицирани, бројот на потешки случаи не е така мал, како и бројот на починати.

-Во нашата општа болница имаме благо опаѓање на бројот на новозаболени во однос на тестирани граѓани.Така денеска од 26 тестирани граѓани, кај шест од нив наодот е позитивен или застапеноста на инфицирани во однос на тестирани е нешто над една четвртина.Уште поповолна е состојбата со пациентите кои извршија рендген и од 30 пациенти кај четири лица снимките покажуваат влошување на состојбата, што е помала застапеност во однос на претходните дваесетина дена, рече д-р Балажи.

Во модуларниот ковид – центар во Кичево, потенцира, денеска се хоспитализирани 22 пациенти од кои тројца се со потешка клиничка слика, додека еден во исклучително тешка состојба е упатен во Клиниката „Жан Митрев“ во Скопје.

– И покрај намалениот број на новозаболени, сепак учеството на пациенти со животозагрозувачки симптоми е зголемен и како резултат на влошените симптоми и смртноста е нешто поголема, истакна доктор Балажи.