Во Гевгелија од денеска продолжи вакцинирањето против Ковид-19 на граѓани над 70 годишна возраст од општината во вакциналниот пункт кој од Дијабет центарот е дислоциран во адаптираните простории на поранешното одделение за кожни и венерични болести во Општата болница со проширена дејност во Гевгелија.

Директорот на болницата, Митко Крџев, соопшти дека имунизацијата ќе се врши со пристигнатите 300 дози од кинеската вакцина „Синофарм“ кои ќе бидат потрошени во наредните пет дена. Доколку во моментот нема такви лица, Крџев посочи дека системот автоматски ќе ја спушта старосната граница на пријавени граѓани кои ќе се повикуваат преку смс или порака на е-маил адреса.

-ОД ПОЧЕТОКОТ НА ИМУНИЗАЦИЈАТА ВО ОПШТАТА БОЛНИЦА ВО ГЕВГЕЛИЈА СЕ ВАКЦИНИРАЛЕ 650 ГРАЃАНИ, А ВКУПНИОТ БРОЈ НА ВАКЦИНИРАНИ ГРАЃАНИ ИЗНЕСУВА НАД 1100 ВКЛУЧУВАЈЌИ ГИ И ЛИЦАТА ИЗЛОЖЕНИ НА РИЗИК ПРИ РАБОТА КОИ СЕ ВАКЦИНИРАЛЕ ВО СКОПЈЕ, РЕЧЕ КРЏЕВ.

Покрај ова, Крџев истакна дека во модуларната ковид болница во Гевгелија моментно се хоспитализирани на лекување седум лица позитивни и сомнителни на коронавирусот и дека поради намалениот број пациенти затворен е делот од Нервното одделение кое служеше како ковид болница.