Одделението за внатрешни работи (ОВР) во Ресен по 40-тина години доби комплетно реновиран објект, за што беа инвестирани 12.700.000 денари, од Буџетот на Министерство за внатрешни работи. Реконструкцијата почна на средината на јануари годинава, а на увид на реновираниот објект денеска присуствуваа премиерот Зоран Заев, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и градоначалникот Живко Гошаревски.
Според премиерот, станува збор за уште една остварена обврска во континуитетот на реализацијата на заложбата за севкупно подобрување на професионалните услови за работа на полициските службеници, преку продолжување на проектот за реконструкција и изградба на полициските станици.
– Од денеска и ова реновирано одделение станува дел од остварувањата посветени на изградба на функционална инфраструктура во системот на нашата полиција и Министерството за внатрешни работи. Овие современи услови придонесуваат кон гаранцијата за редот, безбедноста и владеењето на законите. Како етаблирање на полицијата, како гарант за заштита на законитоста и како квалитетен сервис во интерес на сите наши граѓани, рече Заев.
Во тој контекст, нагласи, своја улога имаат и обезбедените средства за исплата на бонус плата на вработени во МВР за оствaрени над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво во текот на 2020, како и средства за бонус плата за 2017 и 2018 година.
– Како и за сите досегашни објекти, и овој проект за реконструкција е спроведен согласни сите препораки за енергетската ефикасност и намалување на загадувањето на животната средина, додаде премиерот, подвлекувајќи дека Владата ќе продолжи со силна мотивираност да ги гради севкупните капацитети на МВР за уште подобри резултати во работењето, во полза на сите граѓани на Република Северна Македонија.
Покрај објектот во Ресен, како што информира, завршени се работите на Аеродромската база „Петровец“, на полициските станици и одделенија во повеќе регионални центри и општини, новите современи форензички лаборатории, како и многу други зафати за современи услови за работа на полицијата и другите припадници на МВР. Во моментот, нагласи Заев, се работите на реконструкција или реновирање на СВР Куманово, на Полициско одделение Ростуше, а во претстојниот период во план се работите и на Одделение за внатрешни работи Прилеп, Полициската станица во Крушево и Полициското одделение во Чашка.
Реконструкцијата на Одделението за внатрешни работи во Ресен, според министерот за внатрешни работи Спасовски, е едно од 55-те полициски објекти кои се реновирани во земјава, а дел од преземените градежни работи се санација на кровот, поставена е громобранска инсталација, санирани се оџаци, поставени се нови олуци, целосна нова термоизолација на фасадата, заменети се влезните портали со нови, тоалетите, нова стражарска куќарка, комплетно е реновирана просторијата за приведување согласно важечкиот правилник…
-Современата инфраструктура во секоја институција во делот на материјална и техничка опременост и стандаризираност без никаква дилема е еден од суштинските предуслови за нејзините вработени ефикасно и квлитетно да ги извршуваат работните задачи. Денес зад нас имаме објект, кој внатрешно и надворешно запазувајќи ги стандардите за енергетска ефикасност и намалувањето на загадувањето на животната средина е комплетно реконструиран и ги исполнува условите за поефикасно работење и функционирање на полициската служба и во целост ги задоволовуваме целите и принципите на Владата на Република Северна Македонија, рече Спасовски.
На новото полициско одделение, според градоначалникот Гошаревски, се чекало 40-тина години, и дека реконтрукцијата е капитален проект кој е во функција на граѓаните.
– Со реконструкцијата на полициската станица во Ресен, значително се подобрува функционалноста, но и условите за работа на полициските службеници, а се чекаше повеќе од 40 години, истакна Гошаревски.
Присутните на сите вработени во ОВР во Ресен, но и на сите полициски службеници во земјава им го честитаа Денот на полицијата – 7 Мај.