Деновиве пред празниците во Дојран веќе се чувствува поголема раздвиженост на гости чија фреквенција од денеска попладне очекуваме да се зголеми и својот врв да го достигне во недела, на денот Велигден и Први мај кога очекуваме конкретно во Стар Дојран да престојуваат од десет до дванаесет илјади гости, изјави за МИА градоначалникот Анго Ангов.
Посочи дека максимумот на гости во Дојран секогаш се случува токму во недела од причина што тогаш за прославување на празниците кон Дојран се упатуваат и сите еднодневни гости, особено од југоисточниот регион на земјава.
-За продолжениот празничен викенд ќе бидат полни со гости сите викендици, комерцијалните капацитети и приватните издавачи на соби. Сите тие секогаш ни се добредојдени во Дојран и од името на локалната самоуправа и кризниот штаб апелирам до нив доследно да ги почитуваат здравствените протоколи и да ги применуваат мерките за заштита од Ковид-19 и покрај нивното мало олабавување, нагласи Ангов.
Поради почитувањето на антиковид мерките, Ангов потецира дека на терен постојано ќе има патролни екипи кои ќе го надгледуваат однесувањето на гостите и кои, доколку навистина бидат принудени, ќе ги санкционираат недициплинираните гости.
Ангов посебно ги замоли сите што ќе престојуваат во Дојран за време на празниците да се однесуваат заштитнички кон зелените површини кои се во финална фаза на уредување и да не палат скара на нив, со што ќе дадат голем придонес Дојран на време да се подготви и за следната летна туристичка сезона во која, доколку се кренат граничните рампи, повторно се очекува враќање на странските туристи од Србија на пропатување кон Грција.