ХЕЦ Тиквеш и Водостопанство Тиквеш почнаа со пуштање вода од Тиквешкото Езеро и полнење на каналите за наводнување, информираат од АД Електрани на Македонија.
– Системот се подготвува за сезоната на наводнување и вегетацискиот период кој трае од април до октомври. За таа цел во акумулацијата ги има потребните количини вода, односно истата во моментот се наоѓа на кота 245,55 мнв., додека граничната кота потребна за наводнување изнесува 242,5 мнв, сооштија од Електрани на Македонија.
Во изминатиот период, како што додават оттаму, со оптимално менаџирање на производниот процес на АД ЕСМ и со управувањето со ХЕЦ Тиквеш се обезбеди посакуваното ниво на акумулацијата за потребите на земјоделските површини во Тиквешијата, додека истовремено хидроцентралата Тиквеш успеа речиси во целост да го реализира планираното производство за овој период од годината, односно да произведе 50 GWh електрична енергија, што е 95 проценти од планот за периодот јануари-април годинава.