Од вчера па во наредните две недели, ќе се изврши комплетна санација на улиците во Кичево и во село Зајас. Компанијата изведувач„ Ас Сењак“ од Кичево со свои екипи вршат сечење и отстранување на оштетениот асфалт, додека други екипи ставаат нов слој на асфалт на овие делови од сообраќајниците.
Дека во планираниот рок ќе биде завршен овој зафат потврди и Лупче Матески, надзор над извршената работа.
-Од вчера и во наредните 15 дена ќе извршиме комплетно крпење на сите улици во Кичево и во село Зајас.Со овој зафат ќе бидат отстранети повеќе од 3.500 метри квадратни оштетен асфалт, на кои ќе бидат вградени над 500 тони нов слој на асфалт.Целиот зафат го финансира општина Кичево и ќе чини над 50 000 евра-потсети Љупче Матески и нагласи дека некои улици и покрај санацијата, летово ќе бидат целосно реконструирани.
Иако на некои улици на кои е извршено крпење на ударните дупки, тие сепак се во програмата за реконструкција за оваа календарска година, како улиците „Борис Кидрич“и„ Мирко Милески“, на која ќе бидат поставени и нови тротоари.Асфалтот за санирање на кичевските улици го набавуваме од базата на Пелагонија што се наоѓа во близина на Гостивар-додава Матески и појаснува дека во Кичево редовно се санираат градските улици и во последната деценија речиси и да нема поголемо оштетување на сообраќајниците, во подолг период, кое би претставувало опасност за непречено одвивање на сообраќајот.
Тој посочи дека најпрво ќе бидат санирани улиците во градот Кичево а, потоа и во село Зајас и, кон средината на мај целосно ќе биде завршена планираната работа.