Советниците на Општина Гевгелија донесоа одлука Општината со сопствени средства да учествува во проектот за целосна реконструкција и адаптирање на сместувачкиот објект во планинското одморалиште Смрдлива вода,кој е во сопственост на општина Гевгелија.
Со проектот се планира целосна реконструкција, внатрешно уредување и адаптација на објектот изграден во седумдесеттите години од минатиот век заради збогатување на туристичката понуда и сместување на посетителите на Смрдлива вода, велат од Општината.
За да се стави повторно во функционална употреба, реализацијата на проектот за целосна реконструкција на домот во пазувите на планината Кожуф ќе чини вкупно 13,6 милиони денари од кои 10,6 милиони денари се обезбедени од Бирото за регионален развој, а останатите 3 милиони денари ќе ги обезбеди општина Гевгелија од сопствениот буџет.
Туристичкиот локалитет Смрдлива вода, кој е оддалечен 24 километри од Гевгелија, се наоѓа во шумски предел кој со градот е поврзан со асфалтиран пат од регионален карактер.