На една седмица пред големиот верски празник Велигден, цените на кичевскиот зелен пазар се нешто повисоки од претходниот период, додека понудата е просечна и под нивото од претходните десеттина години, кога за секој купувач имаше доволно квалитетна и свежа стока.
Продавачите се по малку незадоволни од потрошувачката на стока, додека купувачите се правдаат со повисоките цени и високиот датум при крајот на месецот.
-Интересот за пазарење на нашите сограѓани и не е така голем на една недела пред Велигден и може да се рече дека се пазари во помали количества од тие продукти кои дневно им се потребни на граѓаните. Инаку пред големиот празник, традиционално потрошувачката била најголема, но дали и годинава ќе биде така ќе мора да почекаме до следната сабота, кога во нашиот град е пазарен ден, вели продавачот Бежо Трпески.
Купувачите не се задоволни од традиционалното поскапување на продуктите пред Велигден и посочуваат дека цените се дури и повисоки од тие кои ги има во специјализираните продавници за овошје и зеленчук.
-Наместо на зелениот пазар да имаме најголема понуда и со најниски цени, воочливо е дека цените се повисоки, а пред големиот празник Велигден ќе бидат и уште повисоки додека понудата не е подобрена. Поради овие причини најчесто се одлучуваме да пазариме во продавниците за овошје и зеленчук, кои ги има на многу локации во градот и кои нудат и подобар квалитет, а и нешто пониски цени, посочи Драге Божиноски.
Граѓаните забележуваат дека присуство на продавачи на свежо овошје и зеленчук од источниот дел од земјава воопшто нема, како што тоа беше случај пред десетина години, додека во мал број има продавачи од Кавадаречко, Росоман, кои претежно продаваат млад кромид, марули и лук..Надалеку прочуените домати и краставици на пазарот се главно од увоз, а струмички речиси и да нема и ако ги има цената им е највисока споредено со албанските и турските домати и краставици.