Ќе тече ли работата во новиот регионален центар за имунизација во Штип, како што тоа се прави во Србија од старт, прашуваат граѓаните од истокот на Македонија, кои, според најавите на министерството за здравство, од сега ќе можат да се вакцинираат во спортскиот центар „Јордан Мијалков“? Штипјани и околните жители критикуваат дека ваквата имунизација требаше многу порано да се организира, а матичните лекари порачуваат да бидат ослободени од давање упати за да може процесот да тече многу побрзо.
-Се надевам дека ова ќе биде како во Србија. Матичните лекари да не бидат преоптеретни и граѓаните да не доаѓаат за хартиени упати. Во време на пандемија да се намали непотребната циркулација на пациенти, а со тоа ќе го намалиме изложувањето на дополнителен ризик, вели за Алфа, матичната лекарка Валентина Митрова.
Досега во Штип се вакцинирани околу 500граѓани со вакцината Астра Зенека, додека околу 10% од пријавените се имат предомислено.