Чистење на речното корито, на отпадот депониран на двете страни од реката, како и хортикултурно уредување на просторот е цел на активностите што почнаа да се спроведуваат на дел од водотекот на реката Сушица, од северниот слив на Охридското Езеро.
Активностите на терен ги спроведуваат Општина Охрид преку проектот „Адаптација на климатските промени со ризикот од поплави на Дримскиот слив“ реализиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).
Со проектот ќе се уредува дел од речното корито на Сушица, а ќе се придонесе и за негова поголема пропусна моќ со што би се избегнале евентуални излевања и поплавување при екстремно неповолни хидролошки ситуации.
Реката Сушица при интензивни врнежи од дожд и снег предизвикува проблеми на граѓаните на охридската населба Лескајца, поплавувајќи ги дворовите, подрумските и приземните соби од нивните куќи.