Советот за развој на Југоисточниот плански регион ја усвои Програмата за развој на овој регион за наредните пет години.

Раководителката на Центарот, Жулиета Ѓуркова, ја презентираше Програмата и според неа изработката се темели на несебичната вклученост на претставници од јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор, а посебно од вработените во одделенијата за Локален економски развој во општините од Југоисточниот плански регион.

-Целта е создавање на еден квалитетен среднорочен стратешки документ и основа за идна соработка и заедничка имплементација на Програмата. По претходната согласност од страна на Советот за рамномерен регионален развој на Република Северна Македонија, Програмата за развој на Југоисточниот плански регион за период 2021-2026 година беше едногласно усвоена од Советот за развој на Југоисточниот плански регион, во кој членуваат градоначалниците од десетте општини од регионот, рече Ѓуркова.

Според податоците за 2019 година, во регионот живее 8,32 отсто од вкупното население во Република Северна Македонија. Регионот има вкупна површина од 2.767 километри квадратни, односно 10,76 отсто од вкупната површина на државата, со густина на населеност од 62,46 жители на километар квадратен, што е петти регион по густина на население во државата.

Според предвидувањата од Програмата, Југоисточниот регион во 2026 година треба да биде економски динамичен и конкурентен, препознатлив по атрактивната туристичката понуда, земјоделските производи и храна, грижата за животната средина, социјалната сигурност и квалитетното живеење во урбаните и руралните средини.

Процесот на подготвување на Програмата за развој на Југоисточниот плански регион е поддржан од Министерството за локална самоуправа преку проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој”, кој се спроведува со поддршка на Швајцарската aгенција за развој и соработка во Република Северна Македонија.


Администратор
21/04/2021 14:58