Центарот на Кичево, традиционално секоја пролет, хортикултурно се уредува со засадување нови цвеќиња во жардињерите поставени на Булеварот „Ослободување“ како и жардињерите на самиот градски плоштад, потврди директорот на Комуналното претпријатие Зенел Јонузи.
– Денес започнавме со хортикултурно уредување на Булеварот „Ослободување“ и центарот на Кичево. Хортикултурното уредување се состои од засадување нови цвеќиња во жардињерите на булеварот и во жардињерите на градскиот плоштад. За годинава на овие две локации ќе бидат засадени два цветни вида и тоа џунџуле и петунија. Бидејќи жардињерите имаат наводнување капка по капка, тие во текот на цело лето ќе бидат редовно наводнувани и свежи и ќе го разубавуваат просторот во најурбаниот дел на Кичево, рече директорот Јонузи.
Тој им порача на сограѓаните да бидат одговорни да не ги корнат цвеќињата за домашни потреби, туку да ги остават на местата каде што се засадени, затоа шт, вели, булеварот е дел од нивниот град.
Најави дека ако наскоро заврши проектот за ревитализација на Китино Кале, комуналците и таму ќе засадат поголем број цвеќиња и ќе го оплеменат овој единствен простор во срцето на градот.