Од денеска почна со работа новоизградената детска градинка „Развигорче“ во гевгелиското село Прдејци, која работи како клон на централната градинка „Детска радост“ од Гевгелија.

Во неа моментно се згрижени 14 дечиња на родители од селото Прдејци, по чие барање беше изградена градинката со финансиски средства од Министерството за труд и социјална политика и општина Гевгелија.

– Децата кои престојуваат во објектот се на возраст од две до шест години и нивниот прием денеска се одвиваше согласно протоколите за работа и примена на мерките за заштита од Ковид-19. За нивната грижа се ангажирани тројца вработени од кои еден помошен готвач, една негувателка и една воспитувачка-изјави директорката на градинката, Елизабета Стоименова.

Градинката беше изградена со околу шест милиони денари од буџетот на Општина Гевгелија, а опремата и мебелот беа обезбедени со средства од Министерството за труд и социјална политика.