Локализиран пожарот кој вчера попладне избувна на месноста „Петлец” над беровското село Русиново. Од Територијалната противпожарна единица информираа дека во пожарот била зафатена дабова и букова шума.
– Во пожарот изгоре и значителна површина со папрат. Во гаснењето на пожарот покрај наши екипи и екипи на Шумско стопанство, учествуваше и локалното население, а ни помогна и дождот. При гаснењето на пожарот спасен е помал дел букова шума, информираа од ТППЕ Берово.
Среќна околност во целата ситуација, како што додаваат, е што не биле зафатени блиските колиби на мештаните, а не е забележана ни штета кај пчелните семејства во близина.
Според пожарникарите како главна причина за пожарот се наведува човечки фактор. Целокупната штета од пожарот како што е најавено допрва ќе се утврдува.