Најмалку третина од производството на вино во Франција, вредно речиси две милијарди евра, ќе биде загубено оваа година, бидејќи невообичаено ниските температури уништија голем дел од лозјата и другите овошни култури низ Франција, предизвикувајќи уште поголема загриженост за климатската криза.

„Ова е веројатно најголемата земјоделска катастрофа од почетокот на 21 век“, рече францускиот министер за земјоделство Жилијан Денорманди, откако Владата прогласи „земјоделска катастрофа“ и започна да подготвува итни финансиски мерки, пишува британски „Гардијан“.

Сезонскиот невообичаен бран на ниски температури и силен мраз, ги зголеми штетите на лозјата.

Првичниот пораст на температурите на воздухот го поттикна раниот развој на винова лоза и овошни дрвја од вообичаеното, што беше „уништено“ од ненадејниот студ.

Националната федерација на земјоделски синдикати проценува дека најмалку третина од производството на француско вино ќе биде изгубено, поради ризикот приносот на грозје во најпознатите лозарски региони во Франција да биде десеткуван.

Ледениот бран погоди голем број француски области за одгледување вино, вклучувајќи ги Бордо, Бургундија, долината Рона и Прованса.


Администратор
16/04/2021 13:47