Фондацијата „Конрад Аденауер“ во соработка со собранискиот Клуб за младински прашања и политики денеска организира дискусијата “Клуб на млади или Клуб за млади? Каде треба да биде фокусот?” во рамки на настанот “Политичките лидери на иднината – предизвиците на младите во Пост-Ковид-19 општество”.

Собранискиот Клуб за младински прашања и политики за првпат беше формиран во 2017 година кој е уште познат и како Клуб на млади пратеници. Клубот беше едно од телата што беше активно вклучено во изготвувањето на Законот за младинско учество и политики.

Во тој контекст овој настан е фокусиран за поголемо запознавање на јавноста и пред сè на младите со активностите и улогата на клубот, исто така има за цел да се отвори и дискусија за приоритетите и целите на Клубот во наредниот период заедно со младите.

Темите на дискусија меѓудругото ќе опфатат: Како може ситуацијата со Ковид-19 да се искористи за да се зајакне учеството на младите во политичките процеси?; Кои се главните приоритети на Клубот во наредните 3 и пол години?; Како Клубот одржува контакти и прибира информации со клучни засегнати страни (младински организации и институции)?

На настанот ќе се обратат Бојан Петровски, претседател на Националниот младински совет на Македонија и пратениците Артина Ќазими од Алијансата за Албанците, Моника Зајкова од Либерално демократската партија, Сафије Садики Шаини од Алтернатива, Фиснике Бектеши Шаќири од ДУИ, Дарко Каевски од СДСМ и Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.

Настанот ќе го отвори Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Јован Јаулески, пратеник и координатор на Клубот за младински прашања и политики.