Големиот број законски прописи, институции, органи и тела со надлежност во урбанизмот, како и самата природа на секторот урбанизам, односно високиот степен на дискрециони овластувања при вршење на надзор и издавање лиценци, го прават подлежен на корупција. Додека претераната урбанизација и градежна експанзија граѓаните сметаат дека е резултат на коруптивни активности на локалната власт, сепак во голема мера тоа се должи и на пасивната и поларизирана јавност.

Ова беше порачано на денешната тркалезна маса организирана од Коалицијата „Сите за правично судење“ во рамки на проектот „Корупција? Не во мојата општина!“, финансиски поддржан од Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД).

Претседателка на Државна комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска, посочи дека ДКСК во текот на работењето има наидено на сериозни проблеми од аспект на продажбата на градежното земјиште и дека е неопходно јасно да се дефинира што е јавен интерес на државата и да се намали процентот што може да се купи со цел дооформување на градежна парцела.

Според Ивановска, како да се прави хаос при продажбата на државното земјиште и од една страна со Законот за денационализација земјиштето не се враќа на правите корисници, туку како јавен интерес се овозможува располагање со земјиштето и во меѓувреме државата го продава, како градежно земјиште.

Ова е случајот, посочи Ивановска, со продажбата на земјиштето кај „Холидеј ин“.

– Семејството не можело да си го врати своето земјиште преку процес на денационализација. После една година од продажбата добива известување дека ќе биде обесштетено со 600 илјади денари за 650 квадрати, што е далеку од умот, истакна Ивановска.

Правниот истражувач од Коалиција „Сите за правично судење“ Дарко Аврамовски, посочи дека при антикорупциската проценка на Законот за урбанистичко планирање, како потенцијални ризици ги идентификувале големиот број институции, органи и тела со надлежност во урбанизмот, потоа голем број прописи кои се однесуваат на регулирањето на овој сектор и самата природа на секторот урбанизам, односно високиот степен на дискрециони овластувања при вршење на надзор и издавање лиценци.

Ризиците од корупција во Законот за урбанистичко планирање, посочи тој, се гледаат во недостигот на прецизни одредби, како што е немање дефиниции за бруто/нето изградена површина, не е прецизирано кое министерство е надлежно за планирање на просторот, како и нејасност на постапката за суспендирањето на урбанистичките планови и одговорност за штета, роковите и недостигот на одредби кои го регулираат учеството на јавноста во процесот.

Дополнителен проблем, според Аврамовски, е законот за легализација на бесправно изградените објекти, што обврзува инкорпорирање на овие објекти во новите урбанистички планови и Законот за финансирање на единиците на локална самоуправа – што за жал најчесто се темели на градежни активности и движење на имот.

Претседателот на Центар за еколошка демократија „Флорозон“ Скопје Кирил Ристовски, посочи дека новото законско решение од 2020 година го претставува моделот на партиципативното тело, составено од членови на комисијата за урбанизам на општината и градот Скопје, претставници на невладини организации, како и жители и претставници на здруженија на граѓани од подрачјето на општината, што според законодавецот е доволно за обезбедување на јавноста и нејзино учество.

– Навидум лаички ако се чита може да се констатира дека сите меѓународни стандарди се застапени, меѓутоа не е јасно прецизирано како ќе се информира јавноста и во кој обем. Како ќе се избираат учесниците во Координативното тело и во кој обем и како ќе се применуваат нивните забелешки за урбаните планови, така што има уште простор за унапредување на ова законско решение, истакна Ристовски.

Програмската директорка во Фондација Отворено општество–Македонија Данче Даниловска – Бајдевска, посочи дека проектот е имплементиран во соработка со пет општини – Карпош, Дојран, Охрид, Прилеп и Желино во рамки на кој е овозможена бесплатна правна помош за граѓаните за пријавување на потенцијална корупција.

– Овозможена е правна помош за граѓаните во 188 случаи. Урбанизмот е една од трите најчести области за кои граѓаните бараа правна помош од граѓанските организации. На прво место, беше вработувањето, па здравствената заштита, рече Даниловска Бајдевска.

Претераната урбанизација и градежна експанзија, нагласи таа, може да заклучиме дека од граѓаните се перцепира како резултат на коруптивни активности на локалната власт.

Градоначалник на Општина Карпош, Стефан Богоев, посочи дека за жал голем процент од граѓаните се уште немаат доволно доверба во општинската локалната самоуправа и тоа, според него, најмногу се темели на нерешени предмети, неодговорени прашања и неажурност, но и општата политичка состојба во државата.

– Често пати во комуникацијата, граѓаните знаат да речат дека полесно ќе добијат одговор од мене како градоначалник, отколку од службеник или раководител на сектор. Тоа е проблем и за граѓаните и за мене. Ако одреден проблем на граѓаните мора да стигне до првото лице што раководи со институцијата, најверојатно тој или таа ќе бидат заглавени во решавање на безброј индивидуални предмети, наместо тоа да си го прават службениците и раководителите на сектори и одделенија, што треба да бидат професионална администрација и пред и за време и после мандатот на градоначалникот ги решаваат проблемите на граѓаните, рече Богоев.

Во таа насока, посочи тој, општина Карпош извршила и дигитализација на дел од услугите преку мобилната апликација М-заедница, каде граѓаните директно комуницираат со општинските инспектори и пријавуваат проблеми.


Администратор
12/04/2021 16:29