Употребата на новиот вид брзи тестови за Ковид-19 за домашна употреба, односно селф тестовите во Грција, што од денеска е задолжителна за учениците и професорите од повисоките класови во средните училишта, кон крајот на оваа седмица, ќе се прошири и на вработените во малопродажбата, транспортот и вработените во достава на храна, јави дописничката на МИА од Атина.

Новата мерка ја соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на почетокот од денешниот состанок за ситуацијата со коронавирусот во земјата и оцени дека почетокот на тестирањето во домашни услови се покажал како особено успешен.

-Се покажа дека кога Владата има доверба во граѓанинот, тој одговара одговорно. Верувам дека е многу важно што откривме 613 ученици и професори, во главно, асимптоматски, кои беа позитивни на селф тестот. Денеска останаа дома и нивните соученици и колеги не ги изложија на ризикот од пренесување на вирусот. И ова е големата корист од оваа нова алатка за откривање на вирусот што сега ја имаме на располагање и затоа оваа мерка многу скоро, на крајот на оваа седмица, ќе биде проширена на вработените во малопродажба, во транспортот, вработените кои доставуваат храна, рече Мицотакис.

Паралелно истакна дека селф тестовите не се замена за молекуларните тестови и брзите тестови што организирано ги спроведува државата, туку дека се дополнителна алатка и додатно оружје за да се ограничи ширењето на вирусот во земјата.


Администратор
12/04/2021 13:35