По повод 16 години постоење Општина Аеродром денеска во паркот „Авионче“ постави изложбено плато на отворено под наслов „Минато, сегашност, иднина“ за досегашните и идните проекти што ја водеа да стане прва општина со европско знаменце. На овој начин, во услови на пандемија и мерки и препораки за заштита, Општината го одбележа скромно 16. роденден.

„Навистина е огромна честа да ги презентирам сите овие проекти од постоењето на Општината. Со реализацијата на овие проекти, Општина Аеродром се доближува до вредностите на Европската Унија. Жителите на Општината заслужуваат да живеат со овие вредности на Европа и ние како општинска администрација, ги користиме сите можности, проекти, соработка со други општини, граѓански организации, како и меѓугранична соработка со нашите соседи за да ги подобриме условите за живеење во Општината“, рече Златко Марин, градоначалник на Аеродром.

При презентацијата на отворено во паркот „Авионче“ градоначалникот Марин додели и три признанија на заслужни жители на Општина Аеродром за 2020 година: Алексеј Тасиќ, ученик во деветто одделение во основното училиште „Ѓорѓија Пулевски“, кој на 14 години освои златен медал на Меѓународната иранска геометриска олимпијада, потоа Игор Ангеловски, селектор на фудбалската репрезентација на Република Македонија, кој за прв пат, ја однесе нашата земја на европско првенство и сè уште реди успеси со нашата репрезентација, како и примариус д-р Жарко Караџовски, претседател на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, кој неуморно и храбро ја предводи битката против пандемијата Ковид -19.

„Огромно е задоволство и гордоста да се пофалиме дека Аеродром е домот на вакви успешни граѓани. Ќе продолжиме да ги подобруваме условите за живот во нашата Општина и да ги негуваме европските вредности“, додаде градоначалникот Марин.

Инаку, во посета на Општина Аеродром се наоѓаат и градоначалникот на нишката Општина Палилула, Братислав Вучковиќ, со кого утре градоначалникот Марин ќе потпише Меморандум за соработка, како и Предраг Умиќевиќ, инженер за заштита на животната средина од Смедерево, кој се очекува да ги сподели своите искуства од оваа област.


Администратор
11/04/2021 14:39