Централната изборна комисија на Бугарија на последната прес-конференција посочи кои 240 пратеници ќе заземат место во 45-от Парламент, по парламентарните избори одржани пред една недела.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, вкупно 14 кандидати се откажале од мандат во новиот бугарски Парламент – девет од Движењето Права за слобода, тројца од ГЕРБ, вклучувајќи го и премиерот и лидер на партијата Бојко Борисов, како и двајца од „Има таков народ“.

Денешната одлука на ЦИК за избраните 240 пратеници во идниот Парламент ќе биде објавена во Државниот весник.

Комисијата навреме ја заврши обработката на податоците, а претседателот на ЦИК Александар Андреев коментираше дека изборите биле тешки, но успешно спроведени.

– Централната изборна комисија ќе го анализира изборниот процес, вклучително и проблемите, и ќе достави извештај до Националното собрание со предлози за измени во изборното законодавство, изјави Андреев.

Конечната распределба на местата во новиот бугарски Парламент меѓу шесте политички сили е следна: ГЕРБ – УДФ ќе ја претставуваат 75 пратеници, партијата на Слави Трифонов „Има таков народ“ – 51 пратеник, „БСП за Бугарија“ – 43, ДПС – 30 пратеници, „Демократска Бугарија“ – 27, „Стани! Излези!“ – 14 народни претставници.

Сега се очекува шефот на државата Румен Радев да ја свика конститутивната седница на новиот Парламент, што според весникот „Труд“, најверојатно ќе биде закажана за 15 април.


Администратор
11/04/2021 14:14