Од ден на ден дознаваме се повеќе како е организиран криминалот во Еуростандард банка и кој се учествувал во него. После поминати осум месеци во изјави, истражувања, дебати, извештаи и разни материјали, сликата за грабежот во банката е кристално јасна.

Еуростандард банка пропадна поради толериран повеќегодишен масовен грабеж на депозити. Денес, со сигурност знаеме дека банката ја ограби раководството на Еуростандард банка под будното око на Народна банка. Трифун Костовски, Коста Костовски и Николче Петкоски креирале мрежа на избрани фирми преку кои пласирале високоризични ненаплатливи кредити, дадени за да не се вратат. Од другата страна, тие кај кои завршиле нашите пари и се распределиле понатаму, се избрани поединци и сопственици на фирми кои така „позајмените“ пари од банката никогаш не ги вратиле. Доказ за тоа се 149 фирми кои не вратиле ниту еден денар со години од така „позајмените“ 55 милиони евра наши пари.

Спрегата меѓу овие две криминални групи, од едната страна раководните лица во банката и од другата страна избраните поединци и сопственици на фирми кои свесно земале ненаплатливи кредити, е Народна банка како регулатор и контролор на паричните текови и преземените кредитни ризици и покритија во банките. Корупцијата и криминалот, како по обичај, доаѓаат од врвот и Народна банка не е исклучок од ова непишано правило. Гувернерката Анита Ангеловска Бежоска и првите луѓе од нејзиниот тим во Народна банка се оние кои кумувале на криминалните дејствија спроведени од раководните лица на Еуростандард банка, акционерите, претседатели и членови на одбори и директори. Гувернерката Бежоска и нејзниот прв тим го знаеле тоа многу добро, но дозволиле и директно соучествувале во кражбата на нашите депозити. Нивното директно соучество, молчење и толерирање, потврдува и зошто фирмите не ги враќале земените кредити со години и зошто кредитното портфолио на банката било во најголем дел од највисока категорија, за да нагло, „преку ноќ“, се промени во најлоша категорија со нејзино затворање минатата година.

Потоа, чинот на продолжување на важноста на лиценците за работа на раководните лица во Еуростандард банка наместо нивно одземање и санкционирање на истите. Да не беа корумпирани гувернерката Бежоска и нејзиниот прв тим, немаше да дозволат да вртоглави 73 отсто од кредитното портфолио на фирми должници во Еуростандард банка биде рангирано во нефункционални кредити, ненаплатливи или тешко наплатливи. Тоа е далеку за споредба со просечните 4 отсто нефункционални кредити на целиот банкарски сектор, како што тврди Народна банка. И конечно, овие високи претставници на Народна банка немаше да не лажат дека докапитализацијата на Еуростандард банка била направена со сопствен капитал од акционерите. А всушност, тоа е направено со нашите депозити заложени како гаранција за земен кредит за докапитализација на Еуростандард банка, на којшто криминален чин на потпишување на договор за кредит во 2019 година присуствувале и кумувале токму тие високи претставници на Народна банка. И за крај, немаше ни гувернерката Бежоска јавно да не лаже дека нашите депозити се сигурни и безбедни непосредно пред затворање на банката, тогаш кога било јасно и кога знаела дека тоа ќе се случи.

Народна Банка, која требаше да биде гарант за сигурноста на нашите вложени пари, дозволила истите систематски да се одлеваат и ограбуваат без контрола. Несомнено, тоа е настанато како резултат на соучеството во криминалот на гувернерката Бежоска и нејзиниот прв тим од Народна банка. Наместо да бидат гарант за сигурноста, стабилноста и вербата во институцијата, овие лица се спротивно од сето тоа. Затоа ни се случи и да не ограбат во целост, затоа се случи криминал од толкав обем.

Зошто државата и понатаму ги толерира овие „стручни лица“, кои не само што ја нагрдуваат сликата за Народна банка туку се и екстремно штетни за банкарскиот систем во земјава? Начинот на којшто оперираат е сигурен гарант за штета на нашиот банкарски систем, а особено за депозитите на граѓаните и фирмите.

Ние го почувствувавме тоа директно на наша кожа. Прашање е зошто државата, при толку факти и видливи докази, и понатаму молчи за нивното соучество во овој организиран криминал. Кога гувернерката Бежоска и нејзиниот прв тим од Народна банка ќе одговараат за нивните незаконски постапки?

Отворено писмо до медиумите од оштетените штедачи на Еуростандард Банка


Администратор
02/04/2021 00:59