Директорот на државниот завод за статистика, Апостол Симовски вели дека нема намера да се појавува во медиумите откако политичарите се договорија да се одложи пописот за септември, а Собранието треба законски да го овозможи истото. Иако јавноста бара оставка од него на социјалните мрежи, заради тоа што се закануваше со кривични пријави и казни затвор за тие кои нема да им отворат врата на попишувачите, Симовски тоа не го направи. За ТВ Алфа денеска изјави дека „додека не се заврши работата околу пописот нема да се појавува на медиумите“.
Но, сепак одлучи да им одговори на новинарите во врска со информациите што ги обелодени портпаролот на ВМРО ДПМНЕ Димче Арсовски дека едно од лицата уапсени во акцијата „Планина“ бил попишувач на територија на Сарај.
-Попишувачите ги бираме на јавен конкурс, не вработуваме админстрација па да ги проверуваме детално. Никој не е виновен се додека тоа не се докаже, вели Симовски.
Арсовски пак е дециден, одговорност од Симовски мора да има.
– Ова е сериозен скандал и за ова треба да се понесе одговорност. Апостол Симовски директорот на ДЗС требаше досега да си даде оставка. Нему му беше поважно да слуша слепи насоки од страна на неговата партија како партиски војник, наместо да ја согледа реалната слика зошто треба да се одложи пописот – потенцира Арсовски.
Што се однесува до акцијата „Планина“ од слобода беа лишени 22 лица од Грчец и Гази Баба. Дел од нив успеаја да избегаат, заради што обинителство распиша и меѓународна потерница. Ама за министерот Спасовски акцијата „Планина“ е успешна, иако обвинителката Рускоска призна дека наркобосовите им побегнале бидејќи некој од МВР им јавил за да се спасат.