Средношколците од источниот дел на државата ќе може да прикажат каква е состојбата со водите во местото каде што живеат преку училишниот натпревар „Водните ресурси во моето место на живеење: минато, сегашност, иднина“. Повикот за натпреварот го објави граѓанската организација „Еко логик“ (Eco Logic) во соработка со Институтот за комуникациски студии, во рамки на кампањата „Разбистри сè“.
Според најновиот извештај објавен од Институтот за светски ресурси, 33 држави во светот, меѓу кои и нашата земја, се во исклучително висок ризик да останат без вода или со малку вода во 2040 година.
– Сувите периоди и ненадејните поплави ќе бидат почести и повеќе изразени, а недостигот на вода ќе биде најизразен во источните делови од земјата. Очекувањето е дека сливот на Брегалница ќе претрпи најголемо влијание од промените на климата и проектираните загуби на вода ќе бидат 24 проценти до 2100 година. Затоа, целта на овој повик е средношколците од општините кои ги опфаќа Брегалничкиот слив да ги изразат нивните размислувања и да понудат креативни решенија за состојбата на водите во местото каде што живеат, соопшти „Еко логик“.
Рокот за пријавување на натпреварот е 12 април 2021 година. Право на учество имаат средношколци кои живеат во општините Штип, Кочани, Свети Николе, Пробиштип, Виница, Берово, Пехчево, Делчево, Македонска Каменица, Чешиново-Облешево, Зрновци, Карбинци, Лозово и Конче.
При изборот на најдобрите решенија, ќе се оценува иновативната идеја, начинот на нејзиното прикажување, визуелното доловување на актуелната состојба на водата и водните ресурси, како и индивидуалниот ангажман на ученикот да придонесе за својата средина во која живее.
Со објавениот повик се одбележува Cветскиот ден на водата – 22 Март за да се фокусира вниманието на средношколците за важноста за одржливо управување на водата. Со доделувањето на наградите од средношколскиот натпревар, пак, ќе биде одбележан Денот на планетата Земја – 22 Април, со посета на Едукативниот центар за зачувување на природата Негрево.
Кампањата „Разбистри сè“, во чии рамки е објавен повикот за средношколскиот натпревар, ја спроведува Институтот за комуникациски студии и е финансиски поддржана од Британската амбасада во Скопје.