Викендов во Берово се одржа првиот мастерс турнир во пинг-понг за младинци до 12 години. На поединечното првенство за репрезентацијата на Северна Македонија учествуваа кадети од повеќе градови на државата. Потпретседателот на Пингпонгарската федерација Златко Рикаловски изјави дека целта е филтрирање на кандидати за настап за репрезентацијата.
-Ова е првиот од низата мастерс-турнири кои ги организира Пинпонгарската федерација на Македонија, а во следниот период следуваат уште неколку турнири за кадети од сите категории, каде што оние кои ќе покажат најдобри резултати, ќе се натпреваруваат за државната репрезентација, истакна Рикаловски.
Високи резултати на турнирот освоија пингпонгарите на домаќинот ППК „Зегин“ од Берово.
-На овој прв турнир, младинците од нашиот пинпонгарски клуб од Берово, се закитија со златни, сребрени и бронзени медали, додека финалето во машка конкуренција беше помеѓу двајца кадети од ППК Зегин, со што се потврдува успешноста, квалитетот и доминацијата на младинците од нашиот градски клуб во оваа категорија, истакна тренерот на ППК „Зегин“ Јован Ковачовски.
Следната сабота во Берово ќе се одржи вториот државен турнир во пинг-понг за кадети до 15 години.