Жителите од дебарскиот поширок регион пролетта ја пречекаа со снежна покривка, со дебелина од најмалку десеттина сантиметри во градот, а многу повисока во руралните населени места.

Снегот кој почна да паѓа од синоќа, но и денес, ама со послаб интензитет, засега не причинува поголеми проблеми во нормалното одвивање на патниот сообраќај.

Сепак, поради влажните коловози и остатоци од растопен снег се препорачува внимателно возење и почитување на патната сигнализација.

-Сообраќајот се одвива непречено, но по влажни коловози а на одделни места и со остатоци од кашест снег. Нашите екипи се постојано на терен, во расчистување на истите а имаме доволно абразивен материјал, сол и песок и нема никаков проблем. Сепак препорачуваме внимателно возење и строго почитување на сообраќајната сигнализација, препорачуваат од дебарската секција на ЈП „Македонија пат".

Под надлежност на дебарската секција се делницата Дебар-Жировница, на патот кон Маврово, Дебар-Глобочица, кон Струга, патот Мелнички Мост-Центар Жупа, кракот од Бошков мост кон селата од Мала Река, како и патот кон граничниот премин „Блато" или во должина од околу 120 километри.

Дебарскиот поширок регион помала снежна покривка го обелеа и на 10 овој месец.

Локалните власти на општините од овој регион веќе ги превземаат потребните активности во расчистување на снегот до населените места, а во градот и од тротоарите, бидејќи на улиците тој не се задржува.

Снегот, кого го има во поголема количина на планиските места, секако е добредојден за зголемување на дотекот на вода во реките а со самото тоа и во акумулацијата „Дебарско Езеро".