Ресторанот „Парк“ ја дочека судбината како и истиоимениот хотел во непосредна близина пред десеттина години. Не го издржа притисокот на урбаниот „развој“ во услови кога голиот профит стана единствен важечки критериум. Додека јавноста реагираше како преку социјалните мрежи така и преку иницијативи за негов спас, тешка механизација го урна објектот во кој голем број охриѓани изминатите триесеттина години ги организираа своите свадбарски веселби.

Сега на тоа место, барем како што беше официјално најавено, ќе никне хотел на три ката и потпокрив. Слично беше и со хотелот „Парк“, каде наместо хотел изграден беше резиденцијален објект од огромен габарит за приватни сопственици. Просторот пред хотелот „Парк“ повеќе не е за граѓаните, туку единствено за оние што имаат купено еден од апартманите во објектот.

Во кусото резиме од Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ на социјалните мрежи стои дека е уништено автентично архитектонско дело на минатиот век.

-Направете само споредба, колку време требаше да се погреба уметничка творба наспроти „справувањето“ со нелегалните градби кое за скоро две години резултираше во една бекатонска плажа помалку и платформи без штици, се наведува во реакцијата од „Охрид SOS“.

Како по непишано правило задоцнија институциите задолжени за одбрана на културното и историското наследство на охридскиот регион.

Дури и министерката за култура и претседателка на Националната комисија на УНЕСКО, Ирена Стефоска задоцни со најавите дека веќе утре од Владата ќе побара одземање на ингеренциите на Општините Охрид и Струга поради несоодветна негрижа за светското културно и природно наследство.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески, кој неодамна рече дека институциите задоцниле со соодветна реакција, уште пред еден месец истакна оти тоа е завршена работа, сопственикот на земјиштето веќе имал обезбедено секаква документација за градење. Дури и платени се комуналиите за новиот објект во износ од некаде 50 милиони денари.

За изјавата на Стефоска тој со коментар дека не постои законска можност за одземање на ингеренциите на општината, односно дека легислативата го условува тоа по однос на конкретен предмет, а не целосно, конкретно само во случај доколку има недоследности во работењето на локалниот инспекторат.

-Доколку локалниот не постапува па надлежноста ја презема државниот. Досега по сите предмети согласно нашите ингеренции сме постапувале и немало барање односно потреба за интервенција на државниот инспекторат. Второ, од денот кога е донесен планот за управување, Општина Охрид во целост го почитува и спроведува, нема ниеден случај во кој сме постапиле спротивно на планот, пишува Георгиески на неговиот профил на социјалните мрежи.

Тој истовремено укажа дека доколку навистина сака да се помогне на Општината, тоа треба да се стори преку обезбедување средства за отстранување на дивоградбите, 60 милиони денари кои повеќе пати се побарани.

-За да можеме да ги имплементираме сите препораки за рушење на се она што е законски издржано и маркирано како значителен штетен импакт кон езерото статусот и животната средина, потребни се овие финансии кои општината ги нема. Се што досега беше во рамки на можностите на општината направивме и покажавме храброст и решителност и отстранивме сериозен дел од објектите. За крај, ако министерската алудира на тоа дека општината недоволно се ангажира за заштита на културното и природното наследство, јас одговорно тврдам дека за две и пол години колку што јас сум градоначалник се направени повеќе активности во насока на заштита отколку за последните 20 години, вели Георгиески и изразува уверување дека министерката има добри намери, но оти поконструктивно би било таа лично да се вклучи во надминување на проблемите.

За односниот објект и предвидената изградба во постапката за издавање на одобрението за градење, како што соопшти Георгиески пред медиумите, испочитувана е постојната законска регулатива за изградба на објект од таква намена, со решение за одобрување елаборат за заштита на животна средина од 2010 година и водостопанска согласност од 2016 година од ресорното Министерство за животна средина и просторно планирање.

Тој тогаш рече дека е предоцна да се реагира, оттаму што Општината не може да оспори правосилно одобрение за градба.

– Ова е резултат на нефункционирањето на државните институции во 2010 година. Сега нема основа врз која сега ние би можеле да го спречиме градењето на објектот. Планот за управување со Охридскиот регион не можеме да го спроведуваме ретроградно врз завршени постапки и издадени одобренија, истиот го имплементираме на важечки урбанистички планови, со тоа што на инвеститорите им сугерираме да се усогласи градбата со планот. Од неговото донесување не е издадено ниту едно одобрение што е во спротивност со неговите одредби, рече тогаш Георгиески.

Последната можност за спас на „Парк“ беше оспорувањето на постапката за уривање односно градење, за која беше посочено дека не почнала во рамки на двогодишниот рок од добивањето на дозволата. Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ најави дека ќе покрене тужба против градоначалникот на Охрид доколку тој односно Општина Охрид не усвои акт за прогласување како „ништовно“ одобрението за градба на објект на местото на се уште постоечкиот ресторан „Парк“.

Каква и да е евентуалната правна разврска на случајот, доколку таква и воопшто има, веќе тоа е задоцнето оттаму што ресторанот со дискотеката е сега минато.

Токму сличните активности градежни зафати спроведувани по „легална“ постапка во значајна мерка доведоа до реална закана Охридскиот регион да го изгуби статусот во УНЕСКО, односно да биде поместен на листата светски знаменитости во опасност.