Раскинат е договорот со фирмата што требаше да го реконструира затворениот базен во Струга. Агенцијата за млади и спорт подготвува документација за нов тендер за реконструкција на овој значаен објект за стружани, информира директорот Наумче Мојсовски.

Компанијата која си земала обврска да ги реализира градежните работи не изреализирала речиси ништо, поради, како што рече Мојсовски, пандемијата и немањето работна сила.

– Фирмата што го имаше тендерот, немала средства и работна сила да го реализира договорот и побара да се раскине уште пред два месеци. Ги плати гаранциите и сите пенали кои ги имаше согласно договорот. Го раскинавме на штета негова, изјави Мојсовски.

Очекува дека во мај ќе почнат градежните работи со нова, како што нагласи, сериозна фирма и затворениот базен во Струга би бил завршен за 7-8 месеци до една година.

– Подготвена е документација за нов тендер и очекувам во мај да почне да се гради. Оваа фирма не направи ништо. Реализирани се само 2,9 отсто од активностите. За брзо ќе биде објавен тендер. Во мај ќе почне да се работи. Ако се работи сериозно треба да е готов за 7-8 месеци, максимум 1 година, нагласи Мојсовски.

Затворениот базен во Струга години наназад е само руинирана зграда. Стружани се револтирани, како што велат, градот на две води, нема затворен базен за пливачи. Базенот, како што посочуваат жителите, се користел во изборните програми, но досега ниту една власт не го реализирала ветувањето.