Изложба „Дестилација“ на дела на ликовните уметници Ангел Коруновски, Глигор Васков и Алексаднар Ацо Таневски е отворен во Ликовниот салон во Велес.

Според Елица Николова, историчар на уметноста од Народниот музеј кој е организатор на изложбата, изложбата е комплексна инсталација која се состои од три независни, но меѓусебно поврзани визуелни целини.

– Во најголем дел ни ги претставува истражувањата на уметниците во новомедиумски дисциплини, во кои до израз доаѓа вештината за концептуално промислување за реинтерпретација на утилитарните предмети во редимејд објекти. Посебните елементи на изложбата се своевидно враќање на корените, на предметите од покуќнина изработени од дрво, каде користените предмети со уметничката имагинација и интервенција на авторите, добиваат нов облик, нова димензија, изјави Николова.

Ангел Коруновски завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје, на катедрата по скулптура во класата на Васил Василев во 2002 година. Магистрирал на истата катедра во 2011 година под менторство на Ибрахим Беди. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 2002. Има остварено неколку самостојни и околу четириесет групни изложби, учесник на дваесет ликовни колонии во Македонија и странство и од 2009 година до 2017 беше организатор на Ликовната колонија „Папрадишки Мајстори“, која што се одржува во Велес. Добитник е на неколку ликовни награди.

Автор е на триесетина скулптури од јавен карактер, Коњаникот во Велес и уште многу други во Скопје, Битола и други градови. Работи како слободен уметник во Велес.

Глигор Васков завршил Факултет за ликовни уметности во Скопје, на одделот за сликарство во класата на Ристо Калчевски во 1991 година. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1991. Има остварено шеснаесет, самостојни и стотина групни изложби, учесник на шеесетина ликовни колонии во Македонија и странство. Добитник на пет ликовни награди. Работи во ДСТУ „Лазар Танев“ – Скопје, ДСГГУ „Здравко Цветковски“ – Скопје како професор по Ликовна уметност.

Ацо Таневски е роден 1965 година во Скопје. Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности завршил 1991 во Скопје, педагошки отсек со сликарство. Член на ДЛУМ од 1993 година, и активен член на Сојузот на ликовни педагози. Има 10- годишно искуство од областа на образованието. Во моментов вработен како едукатор во Национална галерија на Македонија. Организатор на едукативни работилници и изложби за млади. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност.Учесник на преку 100- тина групни изложби во земјата и во странство, како и на 40 ликовни колони.