Шесткратниот светски првак во снукер Рони О”Саливен апелираше сите присутни на натпреварите од Светскиот куп во Шефилд да бидат вакцинирани, споделувајќи со јавноста детали од застрашувачкото искуство со коронавирусот на неговата мајка.
-Мојата мајка беше навистина во сериозна состојба. Во еден момент си помислив дека можеби нема да се извлече. Таа успеа, но беше навистина застрашувачки да се гледа тоа. Помислуваш за момент колку е неверојатно тоа што ковидот може да го направи, изјави најдобриот снукер играч на денешницата во изјава за телевизијата „Eurosport“.
О”Саливен ќе ја брани титулата на Светското првенство што од 17 април до 3 мај ќе се одржи во Шефилд и ќе биде во рамки на пилот проектот на британските власти за враќање на публиката на спортските натпревари во услови на пандемија на коронавирус.
На ограничен број на гледачи им беше дозволено да присуствуваат на првиот ден и на завршниот викенд и на минатогодишното издание на Светското првенство кога О”Саливен го совлада Кајрен Вилсон со 18:8 и ја освои шестата светска титула во кариерата.
„Навистина би било убаво да имаме публика. Се надевам дека сите ќе бидат вакцинирани. Можеби е добро да имаат ковид пасоши. Претпоставувам дека тоа би можело да биде дел од новите критериуми доколку сакате да присуствувате на манифестации од затворен тип, посочи O”Саливен.