Во април ќе биде објавен проектот за изградба на пречистителната станица за третман на отпадни води финансиран од Инструментот за претпристапна помош (ИПА) на Европската унија (ЕУ), информираше денеска градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, по средба со амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир.
Со средства на ЕУ предвидена е изградба на зграда за пречистителна станица, два колектори и нови канализациони мрежи.
-Бев информирана дека најголемиот проект што општина Тетово го добива од ЕУ, проектот за третман на отпадни води фактички е во процес на подготовка за објава и се очекува во април да биде објавен. Изразив благодарноста до ЕУ за други проекти од помали размери кои се реализираат со ЕУ во рамки на инструментот за погранична соработка. ЕУ останува голем пријател на Тетово, изјави Теута Арифи.
Евроамбасадорот Гир првпат доаѓа во Тетово по неговото именување, и рече дека ќе зачести со посетите во насока на поддршка на регионот во заедничките предизвици.
-ЕУ има дадено поддршка на граѓаните на општина Тетово и полошкиот регион дали во контекст на инфраструтура, проекти поврзани со животна средина, граѓанските организации во општина Тетово и на различни бизниси. ЕУ ќе продолжи да ја обезбедува оваа поддршка. Моја прва посета повод е повеќе да ги слушнам граѓаните на општина Тетово и бев информиран за сите предизвици. Ќе ја продолжам дискусија со граѓанско општество за негување на културниот диверзитет, изјави Дејвид Гир.
За пречистителната станица Тетово ќе добие средства од ИПА фондовите во висина од 30 милиони евра. Во 2019 година почна расчистување на старата тетовска депонија кај Фалише, со цел таму да се изгради станицата. Се наоѓа на 67 илјади метри квадратни на патот од Фалише кон Стримница.