Отворениот ден на граѓанско образование во Делчево ќе се одбележи со акцијата „Подарувам книга” која ќе се реализира како дел од активностите на делчевската деветолетка „Св.Климент Охридски” со цел да се подигне свеста за општествена одговорност кај учениците.
-Во рамки на настанот предвидено е учениците, наставниците и сите заинтересирани граѓани, да присуствуваат со книга или сликовница што веќе ја имаат прочитано и на неа да напишаат позитивна порака за читањето и да го додадат своето име. Целта на акцијата „Подарувам книга” е кај учениците да се развијат хуманоста, општествената одговорност, волонтерството и желбата и љубовта кон читањето, истакнаа од делчевската деветолетка.
Собраните книги во рамки на акцијата ќе бидат донирани во библиотеките во подрачните училишта кои работат во состав на централното училиште.
-Акцијата ќе биде реализирана во вторник, 23 март, во училишниот двор, од 11 до 14 часот. За таа цел ги покануваме сите заинтересирани да ни се придружат во одбележувањето на Отворениот ден на граѓанското образование, додадоа од ООУ „Св.Климент Охридски”.
Настанот ќе се реализира според предвидените протоколи за заштита од Ковид-19.