Пациентите се сместени во ковид-одделите во Болницата и засега нема потреба од пуштање во употреба на модуларната болница.

Во Општата болница во Струга хоспитализирани се 17 пациенти позитивни на Ковид 19, од кои пет се на кислородна поддршка, информира за МИА директорот Мухамед Асани.

Состојбата, според него, е под контрола и засега нема потреба од хоспитализација во модуларната болница.

– Пациентите се сместени во ковид-одделите во Болницата и засега нема потреба од пуштање во употреба на модуларната болница. Добро сме организирани и со овој тренд на заразени лесно се справуваме. Доколку дојде до зголмување на бројот на позитивни, на кои им е потребно болничко лекување подготвени сме да ги ставиме на располагање капацитетите од модуларната болница, изјави Асани.

Третиот бран од коронавирусот го зафати и Вевчани, каде во моментот има 25 позитивни, од кои, како што информира директорот на Здравствениот дом „Др. Светозар Чочоровски", Јован Стојковски, 10 се лекуваат во дневната болница, а тројца се хоспитализирани во Струшката.

– До пред 10-тина дена во Вевчани, немавме ниту еден заразен. Но, деновиве очигледно е дека не зафати третиот бран од коронавирусот. Имаме 25 позитивни на Ковид – 19, од кои 10 примаат терапија во дневната болница, тука, а тројца се сместени во Општата болница во Струга, истакна Стојковски.

Директорите на двете установи апелираат да се почитуваат мерките за заштита од Ковид 19, задолжително носење заштитни маски, дезинфекција и држење растојание, единствено така, како што нагласија, ќе се намали бројот на заразени и ќе се спасат многу животи.