Граѓаните на Кочани реагираат што нема подобрување во безбедносната состојба и намалување на бројот на кражбите во нивните домови.
По минатонеделниот граѓански протест на кој беше побарано зголемено присуство на полицијата и контрола на теренот, се променила само локацијата на која крадците ги продолжиле со своите криминални активности, па сега има по две до три кражби дневно во соседната населба Усова Чешма.
– Сами се организираме во патроли, дежураме секоја ноќ и токму синоќа успеавме да спречиме една кражба во домот на наш сосед. Имаме информации дека сега крадците повеќе „оперираат“ во другите населби, со оглед што кај нас и полицијата има свои патроли, иако и тие не се во оној обем што ние го очекувавме, истакна Мирче Павлов, член на иницијативниот одбор за граѓанскиот протест.
Од полицијата велат дека прават засилени контроли на терен и резултат од тоа е што сторителот на една кражба со физички напад е фатен, задржан во полиција и предметот ќе биде решен по брза постапка.
– Ние ги преземаме сите мерки за безбедноста на жителите од Трајаново трло. Обезбедивме 24 часовни патроли на терен и ги расчистивме сите случаи бидејќи ни е важно граѓаните да се чувствуваат безбедно, истакнуваат од СВР – Штип.
Жителите на Трајаново Трло, но и од другите населби во Кочани, и понатаму очекуваат надлежните институции да помогнат во подобрувањето на безбедносната состојба, а најавија можност за нови протести, па дури и за порадикално самоорганизирање за да ги обезбедат сопствените имоти.