Ќе работиме активно на спречување на појава на изградба на нелегални објекти. Ние се понудивме да работиме на изработка на Урбанистичкиот план за целото Охридско крајбрежје, што е поздравено од сите стручни служби од УНЕСКО, рече денеска министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

– Навистина работиме на повеќе аспекти и сегменти. Транспорт и врски веќе се понуди да го изработи урбанистичкиот план за целото Охридско крајбрежје што е поздравено од сите стручни служби од УНЕСКО, дека за првпат во историјата веќе работиме на регулирање со урбанистичкиот план на целото крајбрежје, секако и на усогласување на детално урбанистичките во општините со Планот за управување бидејќи имаме одредено разидинување во однос на тоа што е предвидено со деталните планови а што дозволува планот за управување предвидено од УНЕСКО, додаде Бочварски на прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.

Додаде дека работат на целосна координација за да го усогласат со Агенција за планирање на простор на Национална агенција, со цел да им се помогне на општините.

-Ова не е прашање кое ќе се реши преку ноќ но националните и локалните институции и сите засегнати страни да дадеме се од себе за да го задржиме статусот на УНЕСКО. Преку урбанизацијата ние ќе ги преземеме нашите ингеренции преку новиот Закон, но потребна ни е и поддршка од сите останати засегнати страни во овој процес, додаде министерот.

Во однос на спречување на изградба на нелегални објекти, Бочварски рече дека првиот аспект е преку плаќање на казнени пенали, а вториот преку јакнење на капацитетите на општините со новиот Закон за урбанистичко планирање.

-Јас најавив уште на почетокот на мојот мандат дека ние ќе работиме активно на спречување на појавата на изградба на нелегални објекти, и тоа мора да оди перманентно, постојано преку повеќе алатки, како би ја намалиле или би ја свеле на минимум ваквата појава и изградба, бидејќи ваквите објекти се граделе и порано и денеска, но наша е одговорноста колку тоа ќе го сведеме на минимум, рече Бочварски.

Тој посочи дека од едната страна, едниот аспект е дека секој кој кој што градел вакви објекти со нов Закон ќе треба да плати казнени пенали.

– Не да плати едно евро и да го легализира својот објект, туку доколку матичните комунали во матичната општина се сто евра, да плати 150 евра, наспроти првиот закон кога беше едно евро, за легализација по квадрат на тој објект. Така што првиот аспект се казнените пенали, додаде министерот.

Вториот аспект е јакнење на капацитетите на општините.

-Јакнење на капацитетите на општините со новиот Закон за урбанистичко планирање предвидува нови можности и поволности за тоа како ќе се донесе одреден закон со целосна координација со граѓанството, со невладини организации, со поголема транспарентност, со цел да ги ставиме во шините на правилно или легално градење и граѓаните и сите оние кои тргнале кон една таква изградба, рече Бочварски.