На паркинг просторот пред станбена зграда на улицата „Сава Михајлов“ во Гевгелија, станарите и случајните минувачи беа вчудоневидени и гневни од сликата што ја имаа пред себе на расфрлени делови од покуќнина оставени во близина на контејнерите за комунален отпад.
-Ова навистина нема смисла да се прави во 21 век. Какво е ова безобразие на простор каде неретко си играат и децата на тој што го депонирал отпадот,да се постапи толку несовесно и нехумано. Ова сигурно е направено за време на полициски час кога нема движење на граѓаните, па вандалите можеле на брзина да го направат гнасниот чин на загадување на средината во која живееме, велат станари од зградата.
За ослободување од кабастиот отпад јавното комунално претпријатие има специјална служба, која по претходно јавување на дежурен телефон во фирмата, секој понеделник бесплатно го прибира и носи на депонија пријавениот отпад.
Ако ова се знае, тогаш навистина е несфатливо некој да се дрзне на таков чин. Но, има и такви меѓу граѓаните кои искоментираа дека и службата била исполитизирана и дека не им го изнесувале кабастиот отпад на сите граѓани, поради што некои биле принудени да постапуваат нехумано.
Граѓаните апелираа комуналните инспектори да ги засукаат ракавите и да ги спречат ваквите зачестени појави во Гевгелија.