Во Прилеп има долги традиции и обичаи на маскирање и посетување на домовите на роднините за Велики поклади-Прочка, со повеќегодишен Карневал, но во време на пандемија и опасност за здравјето, традициите може да се приспособат за безбедност на луѓето.
Народот има искуство со епидемии низ историјата и знаел да ги приспособи традициите, вели етнологот од прилепскиот Завод и музеј Александар Цветкоски.
Според Цветкоски точно е дека традициите нѐ одржале, ама народот знаел на едноставен начин да излезе на крај. Не е сигурен дека во денешно време сме дисциплинирани.
-Прочка секогаш бил семен празник. Луѓето оделе, се посетувале, а во поново време има и јавни манифестаации, како во Прилеп, кои се базираат на маскирањето, еден од најзначајните начини за одбележување на овој голем празник. Во Прилеп има карактеристични маски, кои ретко каде ги има. Во другите места, маскираните поворки се поврзани со Василица и во тие некрстени денови, од 7 до 19 јануари. Во Прилеп е за Прочка, во Струмица за „тримери", обично во среда. Точно е дека сме се одржале преку обичаите и традициите, низ времињата. Како патоказ во моралното, етичкото живеење. Но во вакво време, време на пандемија, каде една од мерките е да нема групирање, одржувањето на такви групни маскирања е голема опасност за здравјето. Треба да се нагласи, да се акцентира, групирањето е многу опасно. Затоа треба да се избегне по секоја цена. Ако некој мора да оди на тоа „полазување", на пример дедото со внучињата, таткото со децата, тоа треба да биде со најголемо внимание, со заштитни мерки, маски. И во минатото имало епидемии, кога народот ги изоставал обичаите. Во селските средини само попот ќе испеел, ќе ги простел гревовите. Но денеска, се чини сме недисциплинирани. Имало и порано епидемии, луѓето знаеле соодветно да се однесуваат, да ги спречат иако на обичен „прост" начин. Но со денешниот конформизам, не сум сигурен дека може да бидеме дисциплинирани, објаснува Цветкоски.
Денеска има начини да избегнеме зараза. „Напомош" во секој момент може да бидат социјалните мрежи и медиуми.
-Се очекува да има, како што велат прилепчани, „преправени" за Прочка, но оваа година, сигурно, многу помалку. Луѓето сфатија дека вирусот е многу опасен, и добро е што е така. Зошто да нема дома маскирање на детето за негова радост, на сите што сакаат, па нека постираат на социјалните мрежи и можеби многу подобро ќе објаснат што значи нивната маска. Еве, сите ги користиме социјалните мрежи, па може и за празник. Или зошто да не си честитаме во дворот, пред влезната врата. не е воопшто тешко ако човек е присебен, вели етнологот Цветкоски.
Повозрасните граѓани се согласуваат дека не се потребни никакви настојувања, по секоја цена, на обичаите како кога немаше пандемија. Не е проблем година-две да се почека, да се избориме со невидената опасност од коронавирусот, па за другото е лесно. Младите имаат време и да почекаат безбедни времиња.
Цветкоски објаснува дека Проштени поклади, или Прочка, е 40 дена пред Велигден. Подвижен празник кој зависи од тоа кога е Велигден кој се пресметува и според Грегоријанскиот и според Јулијанскиот календар зашто не е возможно да се измери кога паѓа Пролетната пасха, така е оригиналното име, без да се има предвид сончевата и месечевата година. На чисти понеделник, веднаш по прочка во неделата почнува долгиот 40-дневен пост за ритуално да бидеме подготвени да го пречекаме најсветлиот празник- Велигден. Според Цветкоски, за Прочка, до ден денес, остана најбитното – да се побара и да се добие простување на грешките и гревовите. Во денешно време, се чини, многу значајно.