По повод 22 март – Светскиот ден на водата, Проектот за третман на отпадни води Кочани и Проектот за подобрување на водоснабдувањето во Делчево, организираат ликовен натпревар на тема „Штедиме и прeчистуваме вода – потребна ни е за во иднина“.
Натпреварот се организира во соработка со јавните комунални претпријатија од Кочани, Виница, Делчево, Берово и Пехчево каде се спроведуваат двата проекта, а што се финансирани од владата на Швајцарија.
– Целта на натпреварот е да се подигне јавната свест кај најмладите за значењето на водните ресурси, а свои ликовни творби можат да пријават сите ученици од шесто до деветто одделение од петте општини во регионот. Во темата на објавениот конкурс е опфатено штедењето на водата, заштитата на водните ресурси, третман на отпадните води, повторна употреба на веќе искористената вода и слично. Ги повикуваме наставниците по ликовно образование да ги изберат најдобрите 10 цртежи од секое училиште, да ги фотографираат и да ги испратат како PDF документ. Подетални информации за конкурсот можат да се добијат на нашата веб-страница, истакна Андреј Киров, директор на КЈП „Водовод“ – Кочани.
Ликовните творби треба да се достават најдоцна до 18 март, а оценувањето ќе биде направено од страна на швајцарскиот консултант ЕБП, одговорен за спроведување на проектите во Кочани и Делчево.
Во секој од петте града ќе бидат наградени најдобрите три цртежи, а наградите на учениците ќе им бидат доделени во секое од комуналните претпријатија на Светскиот ден на водите.