Финишира изградбата на канализационата мрежа и пречистителната станица во населбата Нов Караорман во Општина Карбинци. Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и градоначалникот на Карбинци, Јордан Насев денеска извршија увид во градежните работи.

Министерот Бочварски истакна дека со оваа инвестиција се овозможуваат нормални услови за живот на граѓаните во Нов Караорман, но и на индустриските капацитети.

-Ова прашање брзо го решивме заедно со градоначалникот на Општина Карбинци, изјави министерот, додавајќи дека инвестицијата е околу 13,5 милиони денари за над 1.600 метри канализационен систем, заедно со Пречистителна станица за отпадните води.

Ваков проект, како што посочи, се работи и во селото Козјак, а инвестицијата од околу 12 милиони денари.

-Со тоа вкупната инвестиција на Министерството за транспорт и врски во овие две населени места во Општина Карбинци изнесува околу 25 милиони денари. Продолжуваме да ги решаваме проблемите на граѓаните со блиска и тесна комуникација со градоначалниците. Морам уште еднаш да повикам и да апелирам на брзи активности во насока на проектирање и комуникација со цел централната и локалната власт да бидат блиски до граѓаните, изјави Бочварски.

Градоначалникот на Карбинци оцени дека со изградбата на канализациониот систем во населбата Стар Карорман, која е изградена во педесеттите години на минатиот век, се решава проблемот на 20 домаќинства и на 10 фирми, кои се лоцирани околу населбата.

-Сега за првпат по 70 години овие домаќинства и фирми ќе имаат можност да користат и една ваква услуга. Со решавањето на овој проблем влијаеме и врз животната средина, врз квалитетот на живеење во Општина Карбинци, рече Насев.

Прочистените води од двете населени места ќе се испуштаат во реката Брегалница и Козјачка река.