Иако за претстојниот попис на лица, домаќинства и станови, во Кичево беа пријавени 146 лица, на денешното тестирање се одѕваа само 84 лица, додека 62 лица воопшто не се појавија.

-Во согласност со протоколите за заштита од Ковид-19 денеска во просториите на ОСУ„ Дрита" во Кичево го спроведовме тестирањето за реонски попишувачи и инструктори, за претстојниот попис на население, станови и домаќинства, што треба да се спроведе идниот месец, рече Јованчо Сапунџиески, одговорен државен инспектор за овој попис во Кичево.

Тој нагласи дека одѕивот на пријавените не бил доволен и дека ќе мора да се објави повторен оглас, за целосно да се потполни бројот на реонски попишувачи и инструктори.

-Иако очекувавме сите што се пријавија за теренски попишувачи и инструктори да се појават на денешното тестирање, сепак само 84 лица се тестираа, додека 62 пријавени лица не се јавија на денешното тестирање. Бидејќи за Општина Кичево се неопходни 128 теренски попишувачи и 13 теренски инструктори, бројката на лица што се тестираа не е доволна за да го реализира планираниот попис. Поради овој проблем, Агенцијата за вработување од Кичево наскоро ќе објави повторен оглас, на кој треба да се пријават повеќе лица, кои ќе бидат тестирани во некој нареден термин, за да дојдеме до неопходната бројка на попишувачи и инструктори, посочи државниот инспектор Сапунџиески.

Инаку на денешното тестирање целосно се почитуваа протоколите, од мерење на телесна температура при влез во сала за тестирање, до носење на заштитна маска и држење на прописно растојание и затоа секоја група се состоеше од максимум 12 лица.