Полицијата санкционирала 14 возачи и ги исклучила од сообраќај заради неисправни сопирачки и системи за управување додека возеле по полошките сообраќајници.

Според СВР Тетово, вчера од 9 до 13 часот, на подрачјето на СВР Тетово била спроведена засилена акциска контрола за техничка исправност на возилата. При контролата биле откриени и санкционирани 14 технички неисправни возила (4 на тетовското и 10 на гостиварското подрачје).

Наjмногу од неисправните – девет возила (ТЕ-3 и ГВ-6) имале неисправни сопирачки, кај три (ГВ) констатирана е неисправност на уредот за управување и други недостатоци. Возилата биле исклучени од сообраќај, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

При контролата, исто така, санкционирани се три возачи (ТЕ-1 и ГВ-2) кои ги управувале возилата без дозвола, еден возач-почетник поради непочитување на законските ограничувања и девет други видови прекршоци на возачи.

Регистрирани биле и непочитувања на правилата за паркирање на возила. Санкционирани се сопственици на 15 непрописно паркирани возила (ТЕ-4 и ГВ-11). На сите прекршители изготвени им се соодветни поднесоци и зависно од видот на прекршокот ќе се соочат со парични глоби од 45 до 400 евра во денарска противвредност.